Кувајтскиот експерт за нафтениот пазар, Хајтам ал-Гаис, во август ќе ја преземе функцијата генерален секретар на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).

Од моќниот нафтен картел објавија дека Ал-Гаис летово ќе го наследи Нигериецот, Мохамед Сануси Баркинд, кој на чело на ОПЕК е од 2016 година и се повлекува по два мандати.

Наследството на Баркинд е соработката на ОПЕК со големите независни производители на нафта, како што е Русија, во рамките на групацијата која моментално произведува 45 отсто од светската сурова нафта.

ОПЕК соопшти дека напорите на Баркинд помогнале да се стабилизира светскиот пазар на нафта по невиден економски пад предизвикан од пандемијата на корона вирусот и дека е направено многу за да се активира закрепнувањето на нафтената индустрија.

Ал-Гаис во моментов е заменик генерален директор за меѓународна продажба во „Кувајт Петролеум Корпорејшн“ (KPC), каде што работи неколку години, се наведува во соопштението на ОПЕК. Тој до летото минатата година беше член и на експертскиот комитет на ОПЕК.

Мандатот на генералниот секретар на ОПЕК е три години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.