Велика Британија остро реагираше на поддршката на Кина за Аргентина околу суверенитетот на Фолкландските Острови, наведувајќи дека ќе го брани правото на оваа територија на самоопределување.

Шефот на британската дипломатија Лиз Трас, во време на затегнати односи меѓу Лондон и Пекинг, на Твитер напиша дека Лондон „целосно ги отфрла сите прашања за суверенитетот на Фолкландските Острови“.

Фолкландските острови се дел од британското семејство и ние ќе го браниме нивното право на самоопределување. Кина мора да го почитува суверенитетот на Фолкланд – напиша Трас.

Претседателите на Кина и Аргентина, Си Џинпинг и Алберто Фернандез вчера издадоа заедничка изјава во која се наведува дека Пекинг „ја потврдува својата поддршка за барањето на Аргентина за целосен суверенитет над Малвинските Острови“, што е аргентинско име за територијата.

Двајцата лидери се сретнаа во Пекинг, каде што Фернандез дојде на отворањето на Зимските олимписки игри.

Аргентина смета дека Фолкландските острови и биле незаконски одземени во 1833 година, поради што во 1982 година ја нападна британската колонија. Лондон одговори со испраќање војска и го бранеше својот суверенитет над Фолкландските Острови во двомесечната војна во која загинаа 649 Аргентинци и 255 британски војници.

Аргентина продолжува да тврди дека Фолкландските острови и припаѓаат, додека Лондон верува дека самоуправниот ентитет е под британска заштита.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.