Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, по разговорот со казахстанскиот министер за надворешни работи Мухтар Тлеуберди, изјави дека Русија нема да толерира никакви украински ултиматуми.

Тој истакна дека Москва не добила одговори на предлозите што ги испратила до Киев.

Сега тие (преговорите) се заглавени, бидејќи пред пет дена, вториот предлог што го доставивме до украинските преговарачи, кој беше формулиран земајќи ги предвид нивните тогаш дадени коментари, останува неодговорен – изјави дипломатот.

Лавров нагласи дека сега Русија со никого не разговара за безбедносни гаранции за Украина.

Прес-службата на Кремљ денеска одговори на барањето на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, да воспостави директен контакт со претседателот на Украина. Руската страна истакна дека таа можност зависи „од конкретни резултати“ во преговорите меѓу двете делегации, кои продолжуваат секојдневно преку видео врска.

Турскиот претседател Таип Ердоган денеска истакна дека Анкара прави напори да го продолжи форматот „Истанбул“ на разговори лице в лице. Според него, има „поместување“ во процесот, но двете страни засега се далеку од договор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.