Официјален Кремљ соопшти дека амбициите на Киев за членство во НАТО се закана за безбедноста на Русија и оти поради тоа е нужно спроведувањето на „специјалната воена операција“ во Украина.

Идејата Украина да се приклучи кон НАТО е главна закана за Русија, поради што е итна потребата да се осигура нашата безбедност и национални интереси – истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Пред воената операција на Русија во Украина, Москва бараше правни гаранции дека Украина никогаш нема да биде членка на Северноатлантската алијанса.

Шефот на Кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и поранешниот генерален секретар на НАТО, Андер Фог Расмусен вчера во Киев ги претставија безбедносните гаранции за Украина по завршување на судирот со Русија. Додека на почетокот на руската воена операција, Украина понуди да се откаже од својата уставно задолжителна цел за приклучување кон НАТО во замена за прекин на огнот, Киев сега наведува дека е заинтересиран само за полноправно членство, а не за полабави безбедносни гаранции.

Планот предвидува оружје и обука од западните сојузници за да може Украина да го брани својот суверенитет.

Во планот се предлага неколку европски земји, покрај САД, Канада, Австралија и Турција, да бидат гаранти на безбедноста на Украина и да се продолжат напорите за влез во НАТО.

Претходно, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој е еден од најгласните поборници за воената операција меѓу политичарите во Русија, предупреди дека барањата на Украина може да резултираат со „трета светска војна“.

Тој додаде дека ако НАТО се надева дека ќе ја ослаби Русија на овој начин, може да очекува „Земјата да гори и да се топи бетонот“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.