Во нацрт-мировниот договор од 2022 година Украина и Русија се согласиле да го исклучат Крим од договорот, оставајќи го под руска јурисдикција, како и Украина да не го признае рускиот суверенитет над полуостровот, пишува „Њујорк тајмс“.

Русија и Украина одржаа мировни преговори во Белорусија и Турција во првите месеци од војната во 2022 година и оттогаш не се одржани директни разговори меѓу двете завојувани страни.

Американскиот весник го објави првиот наводен нацрт на мировниот договор од 2022 година во време кога Швајцарија е домаќин на глобален мировен самит за Украина, на кој не беше поканета Русија.

Учесниците се надеваат дека ќе создадат заеднички мировен план што би можеле да му го претстават на рускиот претставник на следниот состанок, пишува Њујорк Тајмс.

Волстрит журнал ги објави условите на примирјето од 2022 година уште во март, но Њујорк тајмс го објави целосниот нацрт од 17 страници.

Според тој нацрт, статусот на териториите на Украина под контрола од Русија требаше да се решава на подоцнежните разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

Украина се согласи да се откаже од аспирациите за влез во НАТО или која било друга воена алијанса, но договорот му дозволува на Киев да влезе во ЕУ.

Русија, исто така, побарала укинување на сите украински закони поврзани со рускиот јазик и националниот идентитет на руските граѓани во Украина, како и ограничување на украинските вооружени сили.

„Њујорк тајмс“ наведува дека најголемата пречка била поврзана со безбедносните гаранции под кои сили како Велика Британија, САД, Кина и Франција би застанале во одбрана на Украина доколку таа биде нападната.

Руските претставници, наводно, побарале право на вето врз тие гаранции.

Поради ова барање, украинскиот тим наводно „немал интерес да ги продолжи преговорите“, изјавил украински функционер за американскиот весник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.