Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ објави дека го затворила вториот квартал од оваа година со двојно помалку приходи во однос на истиот квартал лани, поради послабата побарувачка за вакцината и лекот за Ковид.

Приходите во вториот квартал се преполовени на 12,7 милијарди долари, при што приходите од продажбата на вакцината против Ковид изнесуваат 1,49 милијарди долари, што е пад од 83 отсто во споредба со 2022 година, додека продажбата на лекот за корона вирус „Пакскловид“ заработи само 143 милиони долари, во споредба со 8,1 милијарди во вториот квартал од минатата година, пренесува Хина.

„Фајзер“ го затвори кварталот со нето добивка од 2,33 милијарди долари, а во истиот период лани добивката изнесуваше 9,91 милијарди.

И покрај неколкуте краткорочни предизвици поврзани со приходите од поединечни производи, веруваме дека компанијата е добро позиционирана за забрзан раст на производи кои не се од корона вирус во втората половина од годината, вели финансискиот директор на „Фајзер“, Дејвид Дентон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.