Европскиот скептик и екстремен десничар Герт Вилдерс убедливо победи на изборите во Холандија, што може да доведе до референдум за излез од Европската унија „Нексит“, пишува „Политико“.

Дури и ако холандските гласачи решат да останат во Унијата, ставовите на Вилдерс, заедно со другите европски десничари, ќе имаат влијание врз понатамошната политика на Европската унија, особено кога станува збор за миграцијата, климатските промени и оружената помош за Украина.

Откако претседателот на Народната партија за слобода и демократија (ВВП), Дилан Јешилгоз, сигнализираше дека потенцијално ќе влезе во коалиција со Партијата за слобода на Вилдерс (ПВВ), новиот премиер ја намали запаливата антимуслиманска реторика која доведе до обвинувања за исламофобија.

„Разбирам дека другите партии не сакаат да коалицираат со партија која сака да воведе противуставни мерки. Нема да разговараме за Куранот, џамиите и исламските училишта“, коментира Вилдерс.

Партиите од центарот во изминатите 10 години ги држеа десничарите надвор од власта, но, како што се наведува, ги потврдија со воведување на прашањето за миграцијата во јавниот дискурс.

Главната причина зошто гласачите го поддржаа Вилдерс на овие избори е неговата антиимигрантска агенда, како и неговата позиција за високите трошоци за живот и здравствена заштита, вели Сара де Ланге, професорка по политички науки на Универзитетот во Амстердам.

Порастот на популарноста на десничарските лидери низ Европа стана значаен во изминатите години, што ќе доведе до промени во општата политика на Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.