Единаесет хигиеничарки во јужната индиска држава Керала собрале пари за да купат тикет за лотарија, а минатата недела тие освоиле џекпот од 100 милиони рупии, што е 1,2 милиони долари.

Овие жени собираат неоргански отпад од домаќинствата во градот Парапанангади, а платата им е околу 250 рупии дневно, со повремен додаток кој локалната корпорација им го дава од продажбата на отпадот кој го собираат, пишува „Би-Би-Си“.

Сепак, тие пари не им се доволни за живот, па повеќето од нив позајмувале и подигнувале кредити за да ги школуваат децата и за други трошоци. Затоа, повремено собирале пари за да купат лото тикет.

Минатиот месец, 11-те хигиеничарки одлучиле да купат тикет од 250 рупии, едната од нив – Кутималу (72) немала доволно пари, па нејзината колешка ѝ позајмила половина за тикетот. Така, двете дале по 12,5 рупии за својот дел од тикетот, додека останатите девет жени платиле по 25 рупии.

Хигиеничарките дознале за добивката еден ден по извлекување на џекпотот, кога една од нив го замолила својот сопруг да ги провери резултатите. Тие за „Би-Би-Си“ изјавиле дека нема да ја напуштат работата која ја работат бидејќи токму тој колектив им донел среќа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.