Началниците на генералштабовите на армиите на земјите членки на НАТО го продолжија мандатот на актуелниот претседавач на Воениот комитет на Алијансата, холандскиот адмирал Роб Бауер за уште шест месеци до декември 2024 и го избраа нивниот италијански колега, адмирал Џузепе Каво Драгоне за негов наследник.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, ваквата одлука е донесена на денеска завршената Конференција на Воениот комитет на НАТО во Осло, со образложение дека во моментов на нестабилна безбедносна клима и во услови на најголемо засилување на колективната одбрана на Алијансата по Студената војна, потребен е континуитет на лидерство, а со тоа и ќе му се овозможи на Драгоне да го заврши својот мандат како началник на Генералштабот на италијанските Вооружени сили, кој истекува во ноември 2024 година.

Адмирал Бауер изјави дека е почестен со изразената доверба од страна на членовите на Воениот комитет на НАТО со ваквата нивна одлука.

– Ќе дадам се од себе за да го продолжам обединувањето на северот, југот, истокот и западот и на големите и малите во рамките на нашата Алијанса и НАТО активно да пристапува до партнерите ширум светот, секогаш надградувајќи го фундаменталното верување дека има многу повеќе работи што не обединуваат, отколку што не делат и дека заедно сме навистина посилни, изјави Бауер, кој е претседавач на Воениот комитет на НАТО до јуни 2021 година.

Драгоне изрази благодарност за укажаната доверба во свое и во име на Италија.

– Ми претставува длабока чест што ја добив оваа престижна задача, што ќе ја извршувам со безрезервна посветеност на успехот на Атлантската алијанса и на афирмацијата на нејзините основни вредности, слободата и демократијата, изјави Драгоне.

Тој нагласи дека НАТО ќе има капацитети да ја понуди својата целосна поддршка на Украина и да се справи со предизвиците што се наѕираат на меѓународно ниво.

– Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на адмиралот Бауер за извонредната работа што ја работи и која ќе ме инспирира, додаде Драгоне.

Според одредбите на НАТО, претседавачот на Воениот комитет ги застапува ставовите усвоени со консензус од страна на неговите членови и има својство на главен воен советник на генералниот секретар на Алијансата, на Северноатлантскиот совет и останатите високи тела на Пактот. Во негова надлежност е да раководи со Воениот комитет и да работи на усогласување на различните национални позиции или политички разлики по одредени прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.