Михал Симецка, лидерот на либералната партија Прогресивна Словачка (ПС), која заврши на второто место, со освоени 16,98 отсто од гласовите, на вчерашните парламентарни избори во Словачка, денеска изјави дека партијата ќе направи се што може за да го спречи победникот на изборите, партијата СМЕР ССД, да формира влада.

Симецка денеска изјави дека се уште гледа можност за формирање на владејачка коалиција и додаде дека третопласираната партија ХЛАС ќе биде одлучувачки фактор за формирање на новата словачка Влада, пренесуваат британските медиуми.

На вчерашните парламентарни избори во Словачка, партијата СМЕР ССД, предводена од поранешниот премиер Роберт Фицо, освоила најголем број гласови – 23,31 отсто, врз основа на 99,2 отсто од преброените гласови, соопшти денеска Словачкиот институт за статистика.

Според неофицијалните резултати од изборите, на второ место заврши партијата Прогресивна Словачка со 16,98 отсто, иако прогнозите пред изборите предвидуваа нејзина победа, а потоа ХЛАС – СД (14,98 отсто), коалицијата ОЛАНО – За народна христијанска унија (9,02 отсто), КДХ (6,91 отсто), СаС (6,18 отсто) и Словачката национална партија (СНС) со 5,67 отсто, објави претходно агенцијата ТАСР.

Одѕивот на вчерашните избори беше 68,06 отсто, соопшти Словачкиот завод за статистика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.