Кина ги нарече САД „главниот двигател“ на украинската криза, обвинувајќи го официјален Вашингтон дека преку проширување на НАТО ја потиснува Русија.

Кинескиот амбасадор во Москва, Џанг Ханхуи, во интервју за агенцијата ТАСС, ги обвини САД дека ја притискаат Русија во ќош со постојаното проширување на НАТО и во исто време ги поддржуваат антируските сили во Украина.

Како зачетник, главен поттикнувач и иницијатор на украинската криза, Вашингтон не само што наметна санкции без преседан кон Русија, туку и продолжува да ја снабдува Украина со оружје и воена опрема. Крајната цел е да се исцрпи и разбие Русија со долготрајна војна и најстроги санкции – порача Џанг.

Тој, исто така, истакна дека кинеско-руските односи „влегле во најдобриот период во историјата, со највисоко ниво на меѓусебна доверба и интеракција и со најголема стратешка важност“.

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со претседателот Си Џинпинг во Пекинг во февруари, кога тие го поздравија „стратешкото партнерство кое не познава граници“.

Путин ја осуди неодамнешната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван и порача дека американскиот претседател, со тактиката што ја користи во Украина и Тајван, сака „да го оживее менталитетот на Студената војна, да „ги заузда“ Кина и Русија и да предизвика големо ривалство меѓу силите и светски конфликт“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.