Властите во Казахстан го отфрлија барањето на Русија за протерување на амбасадорот на Украина поради неговите коментари и барање за убивање на Руси и ја прекорија Москва за, како што велат, несоодветен тон меѓу „еднакви стратешки партнери“.

Тензиите се зголемија откако украинскиот амбасадор во Астана, Петро Врублевски, во интервју за локален блогер за војната во Украина во август изјави дека „колку повеќе Руси убиваме сега, толку помалку од нив ќе ги убијат нашите деца подоцна“. Како одговор, Русија побара од Казахстан да го протера дипломатот, но Астана наместо тоа побара од Киев да го замени, велејќи дека неговите коментари се неприфатливи за земја со големо етничко руско малцинство.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера изјави дека Москва е „огорчена“ поради тоа што Врублевски се уште е во Астана и го повикала амбасадорот на Казахстан.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Казахстан, Ајбек Смадјаров, денеска изјави дека тонот на Захарова е „спротивен на суштината на сојузните односи меѓу Казахстан и Русија како рамноправни стратешки партнери“ и додаде дека и рускиот амбасадор ќе биде повикан во казахстанското Министерство. Смадјаров рече дека Врублевски ќе го напушти Казахстан откако на негово место ќе пристигне новиот украински амбасадор.

Казахстан традиционално одржува блиски економски и безбедносни врски со Русија, но се дистанцираше од Москва откако таа ја почна воената операција во Украина во февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.