Катар и Германија потпишале 15-годишен договор за снабдување на Германците со природен течен гас. Овој договор доаѓа во услови на глобална енергетска криза предизвикана од војната во Украина.

Договорот меѓу катарската државна фирма „Катар енерџи“ и американската компанија „КонкоФилипс“ ќе придонесе за напорите за поддршка на енергетската безбедност во Германија и Европа, на прес-конференција изјави катарскиот министер за енергетика Саад Шерида Ал-Каби.

Тој појасни дека, според договорот, почнувајќи од 2026 година Катар ќе испорачува до два милиони тони течен природен гас (ЛНГ) годишно на гасниот терминал во изградба во Брунсбител на северот на Германија.

„КонокоФилипс“ (ConocoPhillips) има удел во морското гасно поле на Катар во Персискиот Залив, кое Катар го дели со Иран.

Германија, која беше водечки увозник на руски гас пред почетокот на војната во Украина, од крајот на август нема добиено ниту една испорака на гас од Русија.

Германија гради пет терминали за течен природен гас како клучен дел од планот за замена на испораките на руски гас, а првиот терминал се очекува наскоро да биде оперативен. Повеќето од сегашните испораки на гас за Германија доаѓаат преку Норвешка, Холандија и Белгија.

Кина, Јапонија и Јужна Кореја се главните пазари на Катар за извоз на гас, додека европските земји сè повеќе бараат договори со Доха од почетокот на војната во Украина во обид да обезбедат различни извори на енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.