Англиската владина агенција одговорна за справување со итни случаи во јавното здравство соопшти дека грешка во лабораторија за тестирање предизвикала десетици илјади лица, кои биле позитивни на корона вирусот, да добијат погрешни резултати од тестот и да им се каже дека се негативни, што веројатно довело до смрт на дури 20 лица.

Велика Британија има една од најголемите бројки на жртви на корона вирусот во светот со повеќе од 177.000 смртни случаи од почетокот на пандемијата во 2020 година.

Многу експерти коментираа дека програмата за следење контакти е далеку под светскиот систем, што го вети владата.

Истрагата на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство покажала дека лабораторијата „Именса“ во централна Англија, во периодот од 2 септември до 12 октомври минатата година, погрешно пријавила околу 39.000 тестови како негативни, во ситуација кога тие биле позитивни.

Причината за грешките е неправилното поставување на нивото на прагот за пријавување позитивни и негативни резултати од примероците на ПЦР за Ковид-19, се наведува во извештајот на Агенцијата по завршувањето на истрагата.

Како резултат на тоа, многумина продолжиле со секојдневниот живот и не се самоизолирале, иако имале Ковид-19.

Агенцијата соопшти дека грешките можеле да резултираат со до 55.000 дополнителни инфекции во областите каде што биле пријавени лажни негативни.

Клиниката „Именса”, приватна компанија што ја води лабораторијата, е основана во мај 2020 година и добила договори во вредност од 203,63 милиони американски долари за обработка на резултати од ПЦР тестови.

Во оваа истрага внимателно ги разгледавме аранжманите за надзор на договорите на приватните лаборатории што во тој период ги вршеа итните тестирања, изјави Ричард Глив, директор на Агенциујата и главен истражувач.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.