Канада му воведе санкции на Александар Лебедев, поранешен агент на советски КГБ, а во моментов сопственик на британските весници „Ивнинг Стандард“ и „Индипендент“, и финансиер на „Нова Газета“, водечкиот руски опозициски весник.

Лебедев е еден од 13-те нови лица кои се вклучени во последните санкции што Канада ги објави вчера, во кои се вклучени олигарси поврзани со режимот на рускиот претседател Путин.

Пакетот санкции, што опфаќа стоки во вредност од 75,7 милиони долари, вклучува забрана за одредени луксузни стоки од Русија, вклучувајќи кавијар, дијаманти и вотка. Канада, исто така, забранува производи што би можеле да се користат во производството на оружје во Русија.

Според „Глоб анд Мејл“, меѓу санкционираните е и Глеб Франк, сопственик на една од најголемите руски риболовни компании, воедно и син на Сергеј Франк, поранешен министер за транспорт и поранешен извршен директор на „Совкомфлот“, најголемата руска бродска компанија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.