Претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин се договорија да учествуваат на самитот на Г-20 во Бали во ноември, изјави денеска домаќинот на средбата, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо.

Видодо, актуелниот претседател на групата Г20, во телевизиска изјава рече дека разговарал со Зеленски и Путин по телефон оваа недела. Тој рече дека ги повикал лидерите на Украина и Русија да ја прекинат војната преку преговори.

„Ја повторив важноста за итно завршување на војната“, рече тој.

„Исто така истакнав дека мировните напори треба да продолжат и Индонезија е подготвена да придонесе“.

Тој рече дека ги поканил Путин и Зеленски на самитот на Г-20 бидејќи војната во Украина има големо влијание врз светската економија, а „разбираме дека Г-20 има каталитичка улога во закрепнувањето“.

Видодо потенцира дека го одбил барањето на Зеленски за оружје, но наместо тоа ќе испрати хуманитарна помош.

„Уставот на Индонезија и принципите на нашата надворешна политика ни забрануваат да даваме помош со оружје на други земји. Сепак, ние сме подготвени да обезбедиме хуманитарна помош за Украина“, рече претседателот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.