Властите во Куба за прв пат побараа помош од Светската програма за храна на Обединетите нации поради недостигот на храна во таа островска земја, што е знак за тоа колку е сериозна моменталната кубанска економска криза, јави Би-Би-Си.

Светската програма за храна на ОН соопшти дека добиле официјално барање од кубанската Влада за помош во обезбедување месечна испорака на еден килограм млеко во прав за деца под седум години.

Освен недостигот на млеко, при крај се и резервите на гориво и лекови.

Светската програма за храна на ОН претходно соопшти дека веќе започнала испораки на млеко во прав до островската држава.

Недостигот на млеко од тогаш се влоши, а министерката за внатрешни работи Бетси Дијаз предупреди на почетокот на овој месец дека испораките за деца на возраст од шест месеци до две години се одложени.

Недостигот на гориво доведе до откажување на годишната првомајска парада минатата година.

Млеко во прав и други основни животни намирници им се обезбедуваат на Кубанците по субвенционирани цени преку рационализирање, но одложувањата и недостигот се вообичаени, особено во време на економски тешкотии.

Системот е воспоставен во 1962 година од тогашниот кубански лидер Фидел Кастро, откако САД воведоа санкции кон Куба кои сè уште се во сила и само го зголемија недостигот на стоки.

Кубанската влада ги обвинува тие американски санкции за лошата состојба на нејзината економија и честиот недостиг, но критичарите велат дека зад сегашната економска криза, која е најлоша во последните триесет години, стои лошата владина политика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.