Русија изврши ракетен напад врз Киев и други украински градови, соопшти денеска украинското воздухопловство. При нападот се слушнале неколку експлозии во главниот град на земјата, а биле активирани и системите за противвоздушна одбрана.

„Гардијан“ пренесува дека силните експлозии се слушнале во Киев нешто пред 7 часот утрово.


Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм ги повика жителите на главниот град да останат во засолништата и информираше дека се слушнале експлозии. Потоа, како што пишува Кличко, во областа Днипро, биле ангажирани и медицински екипи.

Според пишувањата на Кличко во главниот град, од фрагменти од ракета, биле оштетени и два високонапонски водови што придонело да има прекини на струјата во некои области. Во нападите била оштетена и главната мрежа за снабдување со топлина на левиот брег на главниот град.

Кличко информира и дека во одредени делови од градот има пожар во станбени згради и дека има запалени автомобили.

Освен во Киев, ракетни напади утринава имало и во Миколаев. Според градоначалникот Олександр Сиенкевич оштетени се најмалку 20 станбени згради, а имало пријави и за повредени лица.

Има оштетени станбени згради. Околу 20 од нив се без покриви. Оштетувањата на мрежите за гас и вода веќе ги отстрануваат комуналните работници. Има ранети. Едно лице е хоспитализирано. На другите им е помогнато на самото место“, напиша тој на Телеграм.

Олех Синехубов, гувернер на регионот Харков во североисточниот дел на Украина, информираше дека руски проектили погодиле нестанбена инфраструктура во градот Харков, административен центар на регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.