Неколку синдикати и невладини здруженија, пред седиштето на Европската комисија во Брисел организираат протест во знак на солидарност со жителите на Газа и со апел за итен прекин на огнот и почитување на меѓународното хуманитарно право.

Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз цивилното население, вклучително и оние извршени од Хамас од 7 октомври врз израелски цивили, кои резултираа со стотици загинати. Сепак, ниту еден напад не може да го оправда непочитувањето на правилата на војување, се наведува во прогласот на организаторите на собирот – Генералната федерација на трудот на Белгија, Конфедерацијата на христијански синдикати, Белгиско-палестинската асоцијација, организацијата Координација и иницијативи за бегалците и странците, Христијанското работничко движење, Националниот центар за развојна соработка и здружението Женски живот.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тие апелираат Белгија и ЕУ да направат се што е во нивна моќ за „прекин на огнот, заштита на целото цивилно население и пристап до меѓународна помош за жителите во Газа“.

Организаторите очекуваат на протестот да присуствуваат околу 10.000 лица, притоа апелирајќи до сите што ќе дојдат „да демонстрираат мирно“, имајќи предвид дека неколку слични собири доведоа до насилство и говор на омраза.

Секое оправдување за воените злосторства, напади врз цивили или каква било манифестација на антисемитизам или која било друга форма на расизам ќе резултира со исклучување од собирот, нагласија организаторите.

Според последните биланси на жртвите, при нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, што ЕУ го оквалификува како „терористички“, загинаа околу 1.400 цивили, а над 200 се киднапирани и се држат во заложништво Газа. Од друга страна, при израелските напади врз Газа како одговор на нападот на Хамас, досега загинаа над 4.000 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.