Германската федерална канцеларија за борба против криминалот (БКА) предвидува дека инфлацијата и порастот на цените на енергијата може да имаат негативно влијание врз внатрешната безбедност во земјата и да предизвикаат слични протести како за време на пандемијата на коронавирус, јавија денеска германските медиуми.

– Можеме да очекуваме слична ситуација како за време на протестите против мерките за сузбивање на пандемијата, кога значителен дел од населението се почувствува загрозено од политичките одлуки, се вели во оценката на БКА, цитирана од весникот Тагесшпигел.

Според истиот извештај, екстремните исламистички сили би можеле да ја искористат постојната кризна ситуација за да дејствуваат.

– Регистрираме повици за напади врз економската инфраструктура, се наведува во документите на БКА.

Се известува и дека еден лидер на „Исламска држава“ ги повикал следбениците во Европа да ја искористат руската војна против Украина и „нестабилната политичка ситуација во Европа“.

Покрај ширењето на немирите поттикнати од десничарските екстремисти и исламисти, БКА очекува и насилни акции од силите на крајната левица.

– Очекуваме протести и криминални дела како и претходните години, како и блокади на објекти од енергетската инфраструктура“, се вели во извештајот.

Пред неколку дена, група активисти за климата ја блокираа работата на електрана на јаглен во источна Германија на половина ден.

БКА очекува дека екстремно десничарските сили би можеле да извршат напади и врз политичари, како што беше случај за време на пандемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.