Германија соопшти дека не е во можност да испрати тенкови во Украина, објаснувајќи дека и се потребни за нејзината сопствена одбрана.

Според планот на кој инсистираа вицеканцеларот Роберт Хабек и министерката за надворешни работи Аналена Бербок, Германија требаше да испрати 100 тенкови „Мардер“ во Украина, но канцеларот Олаф Шолц постојано ја одложуваше одлуката, пренесува „Политико“.

Германската одбранбена компанија „Рајнметал“ најави дека може да ги обезбеди тие 100 тенкови, но претходно ќе треба да се обнови опремата на нив, а такво нешто ќе трае со месеци.

Затоа се разгледуваше можноста во Украина да бидат испорачани тенкови кои моментално се дел од германската армија, а германските војниците би ги добиле тенковите од компанијата „Рајнметал“, кога ќе бидат репарирани.

Од Министерството за одбрана соопштија дека се разгледувала оваа можност, но било констатирано дека не е остварлива.

Заклучивме дека тоа не е можно, бидејќи ако дадеме тенкови од активниот состав, нашата армија нема да може да ги исполни ниту обврските од националната безбедност, ниту обврските што ги имаме во рамките на НАТО – истакнаа од Министерството за одбрана. .

Оттаму посочуваат дека одлуката да не се испраќаат тенкови во Украина не значи дека Киев не може директно да склучи договор со одбранбените компании, како „Рајнметал“, за купување на тоа оружје.

Портпаролката на германската влада, Кристијана Хофман, изјави дека кабинетот на Шолц постојано ги разгледува можностите за давање поддршка на Украина.

Им испраќаме се што им помага и што е практично, а најважно е да се консултираме со нашите партнери од НАТО и од Европската Унија – изјави Хофман.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.