Во Германија се размилсува за воведување мерки кои ќе имаат цел во време на нафтената и енергетска криза, да се поттикне штедењето.

Со цел да се заштеди гориво, во Германија се предлагаат повторно воведување мерки како за време на нафтената криза во 1973 година: општо ограничување на брзината и забрана за возење во недела.

Зошто да не воведеме ограничувања на брзината или „недела без автомобили“, како што беше случајот во 1970-тите? Тогаш мерката се покажа ефективна и помогна да се намали потрошувачката на гориво – вели министерката за животна средина на покраината Баден-Виртемберг, Текла Вакер, за германската новинска агенција ДПА.

Нина Шир, претставник на владејачката Социјалдемократска партија (СПД) задолжена за енергетика и заштита на климата, смета дека мерката за „недели без автомобили“ не наштетила во минатото и дека и денес би можеле да помогнат доколку има недостиг на гориво.

Ова е она што луѓето можат сами да го направат за да го намалат приливот на пари во воениот буџет на Путин – вели Шир за „Велт“.

И копретседателот на „Зелените“, Рикардо Ланг, викендов порача дека е „потребно привремено ограничување на брзината на автопатите, на пример за девет месеци – до крајот на годината, односно до моментот кога се сака Германија да остане независни од руската нафта“, пренесе „Дојче веле“.

Во земја која има производители на автомобили како Мерцедес, Фолксваген или Опел, ваквиот предлог не може да остане незабележан. По изјавата на Рикардо Ланг, со став во јавноста се огласија либералите (ФДП), коалиционите партнери на „Зелените“ на федерално ниво.

Неверојатно е како некои ја користат војната во Украина за да спроведат свои симболични теми. Сега дефинитивно е погрешно време за партиска идеологија – порача генералниот секретар на ФДП, Бијан Ѓир Сарај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.