Германската влада ја намалува зависноста на земјата од глобалните синџири на снабдување, а важен чекор во тоа е изградбата на огромна фабрика за чипови во Магдебург.

Зделката се финализира со американскиот производител „Интел“, вредна повеќе од 30 милијарди евра. Во тој вкупен износ се вклучени 9,9 милијарди евра субвенции од германската влада, според информациите на ДПА. Субвенциите допрва треба да ги одобри Европската комисија, за што претходно објави бизнис весникот „Ханделзблат“.

Во март минатата година „Интел“ објави дека чиповите во Магдебург, на истокот на Германија, ќе почнат да се произведуваат во 2027 година. Во првата фаза треба да се изградат две фабрики за полупроводници кои ќе можат да вработат неколку илјади луѓе. Предвиден е и хај-тек парк за добавувачи.

Интел првично сметаше на сума од најмалку 17 милијарди евра, но во меѓувреме се зголемија трошоците за изградба и енергија. Покрај тоа, компанијата сака да користи уште посовремена технологија за производство. Од владините кругови се дознава дека „Интел“ ја удвоил инвестицијата. Истовремено, субвенциите на Германија растат од 6,8 на 9,9 милијарди евра.

Претставниците на „Интел“ и германската влада треба да го потпишат договорот в понеделник. Двете страни веќе подолго време преговараат за субвенции. На локалитетот во Магдебург веќе почнаа археолошките истражувања и градежните подготовки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.