Министрите за трговија на Групата седум индустриски најразвиени земји – Г7 денеска на состанокот во Германија најавија дека сакаат да ги зајакнат напорите да ја спречат Русија економски да „профитира” од војната во Украина.

„Ќе ги одржиме и интензивираме координираните напори за да ја спречиме Русија да профитира од нејзината нелегална агресија и да ја намалиме нејзината способност да ја продолжи војната“, изјавија министрите по дводневниот состанок.

На средбата се разговарало и за финансиски механизам наменет за обединување на приватните и на јавните фондови за обнова на Украина по завршувањето на војната.

„Ние сме во геополитичка ситуација кога идејата за глобална трговија за подобрување на животот на луѓето е ставена на тест“, рече германскиот министер за економија Роберт Хабек, кој претседаваше со состанокот што се одржуваше во замокот Нојхарденберг во источна Германија.

Во соопштението објавено на крајот од дводневниот состанок, министрите изразуваат залагање за „диверзификација“ на меѓусебните трговски односи, во услови на сè понапната геополитичка средина.

„Ние, министрите за трговија на Г7, нагласуваме дека диверзификацијата на трговијата и проширувањето на трговските односи се од суштинско значење за подобрување на отпорноста и одржливоста на нашите економии“, изјавија министрите најавувајќи зајакната трговска политика кон Кина.

„Кина е една од нашите грижи, во смисол на нарушувањето на конкуренцијата, субвенциите за индустриите и транспарентноста“, рече пред медиумите еврокомесарот за трговија, Валдис Домбровскис.

Групата Г7 ја сочинуваат Германија, Франција, Италија, Велика Британија, Јапонија, САД и Канада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.