Франција и Германија побараа од новата италијанска влада, предводена од екстремната десница, да обезбеди безбедно пристаниште за речиси 1.000 луѓе спасени од хуманитарни групи во Средоземното Море, од кои некои биле на море повеќе од две недели.

Хуманитарните групи кои се грижат за овие мигранти на три брода во централниот дел на Средоземното Море, најавија дека условите се влошуваат бидејќи дел од мигрантите спијат на под на студено и додаваат дека се шират болести.

Новиот министер за внатрешни работи на Италија, Матео Пјантедози, воведе нови мерки за мигрантите, според кои невладините групи ја прекршиле процедурата со тоа што не ги координирале соодветно спасувачките активности. Поради тоа Италија ги затвори своите пристаништа.

Италијанскиот министер побара да интервенираат земјите каде што се регистрирани овие бродови.

Новите мерки на италијанските власти, кои не одговорија на повеќекратните барања за прием на мигранти во пристаништата, ја блокираа активноста на спасувачките бродови на добротворните организации во Средоземното Море.

Италијанските власти дозволуваат пристигнување само на мигранти спасени од италијански патроли.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен, изјави дека меѓународното право јасно укажува дека Италија, како најблиско пристаниште, „мора да го пушти бродот“ да вплови.

Дарманен се осврна на бродот „Оушн Викинг“ под норвешко знаме со 234 луѓе, управуван од групата „СОС Медитеран“. Едно од седиштата на групата е во Франција.

Не се сомневаме дека Италија ќе го пречека бродот и дека Италија ќе го почитува меѓународното право, изјави Дарманен за француската БФМТВ.

Германското Министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека побарало од Италија брзо да интервенира за да му помогне на брод под германско знаме со 179 луѓе на него.

Тој брод е источно од Сицилија со 100 малолетници без придружба, меѓу кои и седуммесечно бебе, соопшти добротворната организација „СОС Хјуманити“.

Дарманин соопшти дека Франција и Германија и порачале на Италија дека се подготвени да примат дел од мигрантите со цел Италија „сама да не го носи товарот“.

На море има и брод со кој управува „Лекари без граници“, а плови под знамето на Норвешка, со 572 лица, од кои 60 малолетници без придружба, а има и семејства со деца и стари лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.