Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека доколку Унгарија одлучи да ги плаќа руските енергенси во рубљи, тоа ќе се смета за кршење на европските санкции.

Направивме анализа на декретот на Путин и правната ситуација е многу јасна. Она што Путин го сугерира, конвертирање на еврото во рубљи, со што потоа би се плаќал гасот, би значело кршење на санкциите. Ако го направите тоа, мислам на плаќањето во рубљи, вие ги прекршувате санкциите што и ги воведовме на Русија – истакна Фон дер Лајен во интервју за „Си-Ен-Ен“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан неодамна изјави дека Унгарија е подготвена да го плаќа рускиот гас во рубљи, откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се бара од „непријателските“ земји да го плаќаат рускиот гас во руската национална валута.

Фон дер Лајен  изјави дека „ЕУ е во преговори со Будимпешта“.

Досега Унгарија се придржува кон санкциите и додека не видиме поинаков начин на дејствување, се е во ред. Никогаш досега не сме ја виделе ЕУ вака обединета. Мислам дека секоја земја-членка се прашува дали сака да биде првата што ќе го наруши таквото единство. Мислам дека не го сакаат тоа – додаде Фон дер Лајен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.