Компанијата „Мета“, сопственик на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, ги отстрани од тие платформи сметките на влијателната американската организација „Заштита на здравјето на децата“, предводена од Роберт Кенеди Јуниор, внук на убиениот претседател Џон Кенеди.

Организацијата ја критикува безбедноста на вакцините против Ковид-19. „Мета“ објави дека ги отстранува сметките поради постојано прекршување на нејзините политики во врска со Ковид-19 и дезинформациите.

Организацијата ја обвини „Мета“ дека не го почитува правото на слобода на говор.

Фејсбук делува овде како претставник на крстоносната војна на федералната влада за да ги замолчи сите критики за драконските политики на владата – порача Роберт Кенеди Џуниор, кој важи за истакната личност во американските кругови коишто се противат на вакцините против Ковид-19.

Неговата организација тврди дека има стотици илјади претплатници на нејзините два профила на Фејсбук и Инстаграм. Организацијата беше исклучена од мрежата на Јутјуб минатиот септември. Според организацијата на Кенеди Џуниор, сегашната забрана на „Мета“ може да биде поврзана со тужбата што таа ја поднела пред федералниот суд против компанијата за цензура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.