Цените на храната останаа речиси непроменети во ноември, бидејќи падот на цените на житарките, млекото и млечните производи го неутрализираше поскапувањето на маслодајните семиња и шеќерот, соопшти денеска агенцијата на ОН за храна и земјоделство ФАО.

Индексот на цените на ФАО на кошничката основни прехранбени производи во ноември во просек изнесуваше 135,7 поени и е за 0,2 поени понизок од октомври.

Цените се исто така речиси еднакви на нивото од ноември 2021 година.

Во ноември најмногу паднале цените на житарките – за 1,3 отсто во однос на октомври, а потоа млекото и млечните производи, со пониски цени за 1,2 отсто.

Пченицата и пченката поевтинија за 2,8, односно 1,7 отсто во однос на октомври, делумно благодарение на продолжувањето на договорот за извоз од црноморскиот регион.

Послабата побарувачка на путер, обезмастено и полномасно млеко во прав влијаеше на цените на млекото и млечните производи. Поевтини и месото, и тоа за 0,9 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.