Конфедерацијата на европски синдикати го вклучува алармот откако вчера во украинскиот парламент е изгласан закон кој ги отстранува работничките заштити, се бара ЕУ да реагира, јави дописничката на МИА од Брисел.

Украинскиот парламент вчера изгласа закон кој овозможува дискриминација во компании со помалку од 250 вработени, се бришат клучните одредби за заштита на работниците и се дава дозвола да не се почитуваат колективните договори.

Овој закон, смета Конфедерација на европски синдикати, е спротивен на социјалниот модел на ЕУ во кој колективните права се темел и е спротивен на законодавството на ЕУ и одредбите за недискриминација и социјален дијалог. Законот ги прекршува и правилата на Конвенцијата на Меѓународната организација за труд.

-Додека украинскиот народ храбро се бори против руската инвазија и им помага на раселените лица, украинската влада и парламент ја користат војната како оправдување да ги нападнат правата на работниците и синдикатите, во целосна контрадикција со аспирациите на земјата да и се приклучи на ЕУ, соопштија денеска европските синдикати.

Конфедерацијата исто така силно се противи на друг закон кој озаконува прекарни договори за работи, а во изработка се уште два закона за конфискација на имотот на Федерацијата на синдикати на Украина.

-Овие предлог закони се смислени одамна и се предмет на меѓународна критика уште пред војната, фактот што за нив денеска се дискутира, кога земјата во воена состојба, е тотално несоодветно, вели Конфедерацијата на европски синдикати, чиј генерален секретар, Лука Висетини, предупреди дека владата и парламентот на Украина не смеат да велат дека сакаат да и се придружат на ЕУ, а истовремено да ги отстрануваат основните права и заштити за украинските работници и да го крадат имотот на синдикатите.

Генералниот секретар бара од Европската Унија јасно да и стави на знаење на украинската влада, како и на парламентот дека украинските работници се тие кои ја прават најголемата жртва во оваа војна и заслужуваат да бидат третирани достоинствено.

-ЕУ не смее да прогледа низ прсти за вакви брутални прекршувања на темелните права кога разговара за членство во ЕУ. Што побрзо ова им се разјасни на политичките лидери во Украина, толку подобро, изјави Висентини. тм/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.