Советот на Европската унија донесе одлука за целосно суспендирање на договорот за олеснување на визниот режим меѓу ЕУ и Русија, што значи дека руските граѓани ќе плаќаат повисоки визни такси и ќе чекаат подолго за визите.

Суспензијата на договорот, кој стапува во сила од понеделник, повлекува зголемување на визните такси од 35 на 80 евра, ќе треба да се достави дополнителна документација со барањата за виза, што ќе потрае подолго за да се обработат и порестриктивни правила за издавање визи за повеќекратен влез.

„Договорот за поедноставување на издавањето визи за граѓаните на доверливи партнери со кои споделуваме заеднички вредности овозможува привилегиран пристап до ЕУ. Со неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна, како и неселективни напади врз цивилното население, Русија ја уништи довербата и ги загрози основните вредности на нашата меѓународна заедница“, рече чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан.

„Денешната одлука е директна последица на дејствијата на Русија и е дополнителен доказ за нашата непоколеблива посветеност на Украина и нејзиното население“, рече чешкиот министер.

Договорот за олеснување на визниот режим меѓу ЕУ и Русија стапи на сила на 1 јуни 2007 година и го олесни издавањето визи за краткорочен престој, најмногу до 90 дена во период од 180 дена.

Политичкиот договор за целосно суспендирање на договорот за поедноставено издавање визи е постигнат минатата недела на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки во Прага. На тој состанок не беше поддржан предлогот за забрана за издавање туристички визи за руски државјани, кој го предложија неколку земји членки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.