НАТО би требало поодлучно да дејствува во однос на руската инвазија врз Украина, рече денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган пред медиумите во Истанбул на сличен начин испрати критики и до Европската унија поради „неделувањето“ и отстуството од демонстрација на „сериозен, конкретен став“.

„Западните сили само и делат совети на Украина“, рече Ердоган, додавајќи оти тоа „не наликува ниту на пријателство, ниту на солидарност“. Тој истакна дека „со советувања нема да се стигне никаде“.

„Кога ќе се согледаат преземените чекори, нема преземени чекори, рече Ердоган во неговата реакција, притоа избегнувајќи да користи термини како „осуда“ или „инвазија“ како би го опишал она што се случува, а наместо тоа за нападот на Москва користејќи го терминот „неприфатлив“.

Денешниот Самит на НАТО не би требало да биде „фестивал на осудувања“. Наместо тоа Анкара очекува да види чекори што би можело да бидат преземени за решавање на судирот, рече Ердоган.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика Европа да дејствува побрзо и посилно при воведувањето санкции против Москва поради инвазијата врз Украина, истовремено обвинувајќи ги западните сојузници за политиканство во време додека руските сили напредуваат кон Киев.

Украина вчера побара од Турција да ги затвори теснеците Босфор и Дарданелите што ги поврзуват Средоземното и Црното Море, согласно Договорот од 1936 година. Официјална Анкара денеска соопшти дека не може да спречи руските пловила да влезат во Црното Море оттаму, на што, согласно договорот, имаат право да се вратат во нивните црноморски бази.

Турција како членка на НАТО се граничи и со Украина и со Русија на Црното Море и има добри врски со двете земји. Од Русија побара да ги прекине нападите и изрази поддршка на територијалниот интегритет на Украина. По однос серијата западни санкции против Русија, Турција се произнесе дека се противи на такви мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.