Во телефонски разговор со неговиот француски колега Емануел Макрон, претседателот на Русиоја, Владимир Путин, порачал дека Западот треба да престане да испраќа оружје во Украина.

Според соопштението од Кремљ, зборувајќи за војната, Путин рекол дека „Западот би можел да ги запре овие страотни случувања со соодветно влијание врз властите во Киев, како и со прекинување на испораката на оружје за Украина“.

Путин ги обвинил украинските сили за воени злосторства кои Европската Унија ги „игнорира“.

Рускиот претседател додал дека „и покрај некохерентноста и неподготвеноста на Киев за сериозна работа во преговорите, руската страна е секогаш отворена за дијалог“ со цел да се најде решение за конфликтот.

Одговарајќи на загриженоста на Франција за безбедноста на снабдувањето со храна во светот, Путин порача дека „ситуацијата во врска со тоа е комплицирана главно од западните санкции против Русија – се вели во соопштението.

Односите меѓу Франција и Русија се многу затегнати поради руската воена операција во Украина, која почна на 24 февруари. И покрај кризата, Макрон разговарал со Путин неколку пати пред и по почетокот на руската инвазија во неуспешен обид да се најде решение, коментираат француските медиуми.

Овој последен разговор траел околу два часа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.