Британскиот монарх е шеф на државата во Австралија, како и во Нов Зеланд, иако неговата улога е главно церемонијална

Чарлс Трети официјално е именуван за монарх на Австралија и на Нов Зеланд на церемонии кои се одржаа во главните градови на тие земји.

Во Нов Зеланд во парламентот во Велингтон се одржа прогласувањето на Чарлс Трети за монарх, заменувајќи ја кралицата Елизабета, која почина во четвртокот на 96-годишна возраст.

Зборувајќи од скалите на парламентот, премиерката Џакинда Ардерн рече пред насобраниот народ дека со смртта на кралицата, Нов Зеланд влезе во време на промени.

„Кралот Чарлс Трети постојано ја покажува својата длабока грижа за нашата нација. Нашите луѓе длабоко го ценат овој однос и не се сомневам дека тој ќе се продлабочи“, рече Ардерн.

Во Австралија, во зградата на парламентот во Канбера, генералниот гувернер Дејвид Харли, кој е претставник на британската монархија во таа земја, го прогласи Чарлс Трети за шеф на државата. Прогласот беше одбележан со истрели од 21 топ.

Британскиот монарх е шеф на државата во Австралија, како и во Нов Зеланд, иако неговата улога е главно церемонијална.

Претходно, австралискиот премиер Ентони Албанезе рече дека националниот ден на жалост за кралицата ќе биде 22 септември. Албанезе соопшти дека ќе отпатува за Лондон в четврток, ќе присуствува на погребот на кралицата на 19 септември, а потоа ќе се врати во Австралија на 21 септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.