Британец кој се бори на украинска страна во Мариупол се јавил на своето семејство и објавил видео во кое вели дека неговата единица ќе им се предаде на Русите.

Ејден Аслин од Њуарк, град во близина на Нотингем, се преселил во Украина во 2018 година откако се заљубил во жена од Николаев. Тој тврди дека неговата единица останала без муниција и залихи по неколкунеделните интензивни борби и дека немаат друг избор освен да се предадат.

Немаме храна и муниција. Ни беше задоволство што се боревме, но се надевам дека оваа војна наскоро ќе заврши – изјави Аслин.

Британецот и се јавил на мајка му, која неговите зборови ги пренесе на британските медиуми.

Ми се јави и ми кажа дека веќе немаат оружје. Го сакам мојот син, тој е мојот херој. Се бореа како лавови. Тој звучеше добро – изјавила Анг Вуд за „Би-Би-Си“.

Неговиот пријател Бренан Филипс исто така вели дека се слушнал со него. Ајден му рекол дека неговата единица останала без храна и муниција и дека се во безизлезна ситуација.

Не можат да излезат, не можат да се борат. Немаат избор. Сигурен сум дека ќе го испукаа и последниот куршум доколку го имаа – вели Филипс.

Судбината на Аслин е неизвесна, особено имајќи предвид дека Русија најави дека сите странски борци фатени на украинската страна ќе одговараат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.