Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави во Полска дека досега во мисијата на ЕУ за обука на украинската армија учествувале 1.100 војници.

Борел ја откри бројката при посетата на тренинг кампот во Бжег, Полска. Тој рече дека мисијата ја покажала подготвеноста на Европа да ја поддржи Украина додека таа се брани од Русија.

Министрите за надворешни работи на ЕУ потпишаа договор за Мисијата на ЕУ за воена помош за поддршка на Украина (ЕУМАМ) на 14 ноември, со официјално започнување еден ден подоцна. Неколку земји од ЕУ веќе обучија украински војници врз основа на национални договори.

Вкупно до 15.000 војници ќе бидат обучени во 20 земји членки, пишува DPA.

Во Хрватска, претседателот и опозицијата се спротивставија на владиниот предлог Хрватска да обучува украински војници како дел од мисијата на ЕУ, па Парламентот ќе гласа за него.

Мисијата за обука ќе ја плати ЕУ, а Борел процени дека ќе чини околу 100 милиони евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.