Американскиот претседател Џо Бајден попладнево одржа голем говор во полскиот главен град Варшава, по вчерашната посета на украинската престолнина Киев.

Киев стои висок, горд и што е најважно, слободен, рече Бајден.

„Путин мислеше дека ќе се предадеме, погреши. Мислеше дека НАТО ќе се претвори во Финска, а наместо тоа се случи НАТОизацијата на Финска и Шведска“, кажа тој, додавајќи дека НАТО е пообединет од кога било досега.

Путин повеќе се сомнева во нашето единство, но се сомнева и во нашата истрајност. Но, нема сомнеж. Нашата поддршка за Украина нема да попушти и нема да се умориме. Љубовта на украинскиот народ ќе надвладее над желбата на Путин за моќ и земја. Станува збор за слободата, кажа Бајден, кој во неколку наврати ги споменува вредностите на демократијата.

„Автократите разбираат само еден збор – не, не, не“, кажа американскиот претседател и додаде дека „Украина никогаш нема да биде руска победа“.

Пред една година руските тенкови влегоа во Украина, Украина е сè уште слободна, рече тој.

„Бомбардираат училишта, породилишта, железнички станици…“, кажа Бајден за Русија.

„Им се обраќам на граѓаните на Русија. САД и НАТО не сакаат да ја уништат Русија, нема заговор против Русија, како што рече денеска Путин. Оваа војна не е неопходност туку трагедија. Путин може да ја заврши војната со една реченица. Победата на Русија би значела крај на Украина, затоа се грижиме дека Украина може да се брани“, рече Бајден.

Тој спомна како Полска прифатила милиони бегалци од Украина.

„Ние стоиме со слободата. Тоа го прават Американците и тоа се Американците, рече тој. „Путин се обиде да ја изгладне Европа, да ја спречи Украина да извезува храна, да предизвика глобална прехранбена криза. Ова особено ќе ги погоди африканските земји“, рече тој.

Украина е слободна, суверена и демократска, рече тој.

„Ги воведовме најсилните санкции што некогаш биле наметнати на една земја и ќе воведеме повеќе. Имаме со што да се гордееме во изминатата година. Но, сепак ќе има тешки денови. Ќе застанеме зад Украина додека таа се брани“, изјави Бајден.

„Членот пет од НАТО е цврст како камен. Нападот врз еден е напад на сите, тоа е света заклетва. Света заклетва да се брани секој сантиметар од територијата на НАТО“, вели тој.

„Светот е на пресвртница, одлуките што ги носиме сега ќе ги одредат следните децении. Од едната страна е демократијата, а од другата е диктаторот кој сака да ја уништи, рече Бајден и додаде дека „нема посладок збор од слобода и нема повисока цел од слободата“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.