Нема зборови со кои ќе се опише катастрофалната состојба со која се соочува Јавното сообраќајно претпријатије. Најмногу страдаат граѓаните кои се принудени на 40 степени да чекаат и да се молат да дојде некој автобус, а и кога ќе дојде имаат што да видат. Тој најчесто е преполн со патници кои брзаат да стигнат некаде. Внатре е преполно, и многу топло. Климата во автобусите на ЈСП е само декор, не работи и најчесто е расипана.

Патници за РСЕ сведочат на неподносливите услови во автобусите на ЈСП. Тие се жалат дека на луѓето им се слошува внатре во автобусите при што некој од патниците ќе повика брза помош.

„Вака веќе не се издржува. Клима нема, термините за возниот ред не важат, не знаеш кога има, кога нема автобус. Наместо да дојдат три возила во одреден термин, доаѓа еден, и тој полн. Со месеци нѐ тормозат, а од нас плата земаат“, вели патничката Стојанка М за РСЕ.

Таа била сведок кога пред десетина дена, му се слошило на патник во преполн автобус. Откако присутните го полеале со ладна вода и не успеале да го освестат, возачот бил принуден да застане кај Триумфална капија и чекале да дојде Брза помош.

Од Итната медицинска помош за РСЕ потврдија дека во изминатите две недели, особено кога беше прогласена портокалова фаза (од 12 до 18 јули) имале 11 интервенции во автобуси или на постојки. Но сметаат дека бројката е поголема, затоа што имало и помлади граѓани кои пријавиле колапс или повреда, но можеле да се движат и сами да отидат до лекар, па од итна помош им давале само совети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.