Православните христијани утре го одбележуваат празникот Успение на Пресвета Богородица во народот познат како Голема Богородица. Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, крај Скопје, одбележувањето на празникот почнува денеска попладне, со вечерна богослужба (17:30), а на полноќ ќе започне сеноќно бдеење.
На денот на празникот утре, Светата Божествена литургија ќе започне во 8,30 часот, а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г Стефан.
Возљубени во Христа, Ве покануваме на Богослужбите во чест на успението на пресвета Богородица. Ќе ни биде драго заедно со вас, да и укажеме почит и благодарност на нашата мајка и заштитничка пресвета Богородица, која вистински не закрилува нас сите и заеднички достојно да го прославиме нејзиното успение“, е пораката што ја упати сестринството од манастирот.
И оваа година во дворот на манастирот, традиционално, ќе се одржи крводарителска акција.
Сестринството упатува апел до граѓаните и верниците, кои за време на празничните денови во голем број доаѓаат во манастирот, да ги почитуваат препораките за заштита од ковид -19, да се одржува физичко растојание од 1,5 метар или задолжително да се носи маска, да се врши дезинфекција на рацете при влез и за време на престојот во манастирот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.