Во скопско Маџир Маало ќе можат да се градат 48 хотели, 50-тина згради и два деловни објекти, предвидува новиот Детален урбанистички план Градска четврт И 05 – Маџир Маало 2. Во планот сега е зацртана и маркичка за градинка и зелени површини кои ги немаше со претходниот ДУП донесен во 2012.

Планот кој почна да се прави уште при мораториумот во општина Центар за време на минатата локална власт, конечно е изработен и беше презентиран на последната седница на Општина Центар одржана пред 10 дена. По барање на советниците не се гласаше за оваа точка и се предложи да се одлучува за неа на некоја од наредните седници.

Според ДУП-от, максималната висина на објектите е приземје, 5 ката плус поткровје. Придобивките од овој план како што велат од Општина Центар се тие што максимално е заштитено државното земјиште, односно на најголемата парцела каде било предвидено да се гради деловен објект сега е нацртана градинка. На сите сообраќајници се предвидени велосипедски патеки, оставен е простор меѓу зградите, а исто така извршено е поместување на сообраќајниците кои минуваат низ парцелите на граѓаните со што околу 50 имоти на граѓаните се спасени, односно не влегуваат во трасите на новите булевари кои се предвидени со ГУП-от.

Граѓаните на јавните презентации имаа најмногу забелешки токму на намената која ја добиле. Не сакаат хотели туку згради. Исто така барале и поголема катност на објектите и бришење на булеварот Крушевска република, пишува СДК.мк.

Повеќе на СДК.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.