Советот на Општина Центар на седницата која ќе се одржи во среда треба да расправа за Предлог – одлуката за основање општинско претпријатие за продажба и производство на струја.
Според градоначалникот Горан Герасимовски, станува збор за капитален проект кој предвидува поставување фотоволтаични електрани на крововите на јавните објекти во општината за нивно снабдување со електрична енергија, но и за производство вишоци кои ќе се продаваат. Веќе се направени елаборати и испитувања за тоа каде се ќе се постават тие фотоволтаични системи, а планирано е да се опфатат сите општински училишта и градинки.
Изгубивме неколку месеци околу тоа дали ќе биде Јавно претпријатие, дали ќе биде Акционерско друштво или ДООЕЛ за да на крај одлучиме да одиме со ДООЕЛ поради тоа што така имаме можност и да произведуваме за сопствени потреби и да продаваме на пазарот. Имавме доста состаноци со Регулаторна комисија со Централен регистар со ЕВН да видиме на кој начин ќе се регистрира. Потоа во ЕВН во делот на броилата како истите да бидат префрлени и да бидат под училиштата или да бидат во новиот ДООЕЛ или во сопственост на општината. Регулаторна за добивање на лиценци и се останато. Верувам дека во среда советниците ќе го изгласаат и новиот тим на луѓе коишто ќе бидат задолжени за раководење на истото од следната недела ќе се зафатат и со начинот и планирањето каде ќе се отпочне. Имаме одредена рамка и треба и самиот тим да го отпочне со работа – изјави Герасимовски на денешното гостување на Македонска телевизија.
Според проекциите фотоволтаични централи првично ќе бидат поставени во ООУ „Киро Глигоров“ како училиште со највисоки сметки за електрична енергија, а потоа и на останатите основни училишта во земјата. Вишоците на електрична енергија општината, како што рече Герасимовски, ќе ги продава и средствата ќе ги искористи за нови развојни проекти, нови паркови, енергетско ефикасни фасади, детски игралишта и останати проекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.