Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше за утврдените прекршувања на Законите во работата на детската градинка „Детска радост“.

Утврдено е незаконско работење во детката градинка „Детска радост“. На предлог на Управниот одбор донесов одлука за разрешување на директорката. Незаконско работење нема да толерирам – вели Стефковски.

Детските градинки имаат за цел згрижување на децата во предучилишна возраст и истите треба и мора да работат согласно позитивните законски прописи. За жал таков не е примерот со детската градинка „Детска радост“ во Гази Баба.

Веќе подолг временски период до мене како градоначалник на општина Гази Баба пристигнуваат информации и индиции за незаконско работење на директорката на градинката „Детска радост“. Направено е прекршување на член 40 од Законот за јавни набавки. Во овој дел законските одредби упатуваат на соодветна постапка за секоја набавка чија вредност надминува 60.000 денари без ддв – рече Стефковски.

Според него, направени се набавки каде што е надминат годишниот законски максимум за мали набавки кој изнесува до 12.000 евра во една година.

Направени се трошоци за репрезентација. Сите овие средства се потрошени за угостителски услуги. Ако се видат фискалните сметки ќе се утврди дека повеќето од нив се направени по завршување на работното време и во сметките е наведено дека е нарачувано и храна за носење. Извршена е набавка на мебел во детската градинка, но не мебел за децата, туку за кабинетот на менаџментот. Во моментот на набавката на мебелот, согласно донесениот Годишен финансиски план за тековната година не биле предвидени средства за ваква набавка. Со што исто така е направено прекршување на Законот – појасни градоначалникот.

Додаде дека со извршениот увид во налозите за користење на патничкиот автомобил сопственост на градинката за службени дејствија е констатирано, користење на возилото за приватни цели. Ревизијата има утврдено осум наоди со што дава неповолно мислење по однос на примената на соодветните законски регулативи. Сите утврдени наводи во Извештајот на независниот ревизор се доказ дека во детската градинка „Детска радост“ се работело спротивно на повеќе Закони, односно прекршени се повеќе закони.

За сите законски прекршувања утврдени согласно Извештајот на независниот ревизор ќе поведам постапки пред соодветните институции во Република Македонија. Апелирам до Министерството за труд и социјална политика да ги почитува законите и утврдените процедури. Очекувам сите заедно да застанеме на страната на Законот бидејќи се друго ќе значи поддршка на утврдено незаконско работење – вели Стефковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.