Протестите на приватните автобуски превозници со блокади ќе продолжат се додека нема напредок во состојбата, изјави за МИА Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.

Тој додаде дека се останува исто, односно се додека нема некакво придвижување во состојбата ќе има блокади на неколку сообраќајни точки во главниот град.

Директорот на „Макекспрес превоз“ Милорад Димитријевски вчера преку писмено соопштение рече дека претпријатието не е организатор на протестите и апелираше политичките партии да не ги злоупотребуваат превозниците за препукувања и поени.

„Макекспрес превоз“ не е организатор на протестите и не знаеме до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира. Апелираме политичките партии да не ги злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени, се вели во соопштението на Димитријевски.

Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје.

Тие бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.