Потребна е итна интервенција од Владата за решавање на проблемот со енергетската криза во општините во градот Скопје, каде што спаѓаат општините Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир и Шуто Оризари

На денешната средба во Координативното тело на градоначалници на Град Скопје, беше дискутирано за енергетската криза и проблемите со кои се соочуваат скопските општини во функционирањето, трошоците за електрична енергија за редовно работење на општините, основните и средните училишта, уличното осветлување кои значително се зголемени некаде и за над 500% особено во општините кои немаат активни договори за снабдување со електрична енергија.

Дел од градоначалниците истакнаа на седницата дека покрај наследените милионски долгови, сега со зголемување на цената на електричната енергија, сметките за електрична енергија буквално ги јадат редовните општински буџети, кои чинат милиони евра на сметка на капиталните проекти кои се во интерес на граѓаните – посочи градоначалничката Арсовска на денешното Координативно тело на градоначалници.

Истакнато беше дека помалите општини речиси целосно го имаат истрошено делот на редовниот буџет само за сметките за електрична енергија , а најголемиот дел од општините имаат средства за покривање на само уште неколку сметки, по што ќе недостигаат средства за реални проекти за граѓаните.

На Координативното тело на градоначалници се донесе заклучок дека во ситуација кога цените на електричната енергија растат, а одредени дотации кон општините кои доаѓаат од централната власт се дури и намалени, се потешко ќе биде функционирањето на општините, па од тие причини потребна е итна интервенција од страна на Владата и надлежните министерства за решавање на енергетската криза со која се соочуваат општините во Градот Скопје, за што ќе биде побаран и состанок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.