Сега веќе поранешниот директор на Водовод и канализација, Златко Перински во разговор за „Фокус“ ги објаснува случувањата кои му претходеа на неговото разрешување. Како одела постaпката за тендерот за пречистителната станица, за кој градоначалничката Данела Арсовска го обвини дека сакал да го намести, како и за нивната соработка, прочитајте во продолжение.

Вториот дел од интервјуто кој се однесува за состојбите во Водовод и канализација, ќе биде објавен во текот на утрешниот ден.

ФОКУС: Непосредно по вашето разрешување требаше да се отвораат понудите за тендерот за пречистителната станица. Што се случи со постапката?

Перински: Мислам дека понудите се отворија, но не можам со сигурност да гарантирам затоа што сум излезен од процесот. Директорот на Водовод не учествува ниту во канењето на сеансите, ниту во работата на евалуационите комисии. Директорот како промотор, треба да го склучи договорот на крајот кога сите рапорти ќе бидат оценети како позитивни од Европската инвестициона банка (ЕИБ).

ФОКУС: Каде почнаа проблемите со тендерот: дали со барањето на Арсовска за промена на членови на комисијата или имаше проблеми и претходно на релација Арсовска – Водовод?

Перински: Не, проблеми со тендерот нема. Проблеми со градоначалничката има. Таа има проблем, ние немаме никаков проблем со неа. Тендерската постапка, работата на евалуационите комисии, на проектната единица, на европските институции кои се засегнати се кристално чисти. Се до понеделникот кога пукна оваа брука.

Ние немаме никаква забелешка од страна на банките кредитори. Така да проблем со тендерот нема. Проблемот е креиран вештачки со изнесување невистини од страна на Градот Скопје или градоначалничката преку еден медиум. Тука треба да се постави главното прашање: како може медиум да лиферува вест во јавноста дека едната понуда е за 20 милиони поевтина од другата, во сабота, два дена пред терминот закажан за отворање на финансовите понуди?

ФОКУС: Кој би можел да има пристап до понудите, пред отворањето?

Перински: Никој, тие се во кутија. Стојат затворени. Не е можно претходно да се видат. Тоа е суштината и главното прашање.

ФОКУС: Пред вашето разрешување во понеделникот, имавте некакви индиции дека ќе има некакви обиди за влијание?

Перински: Никакви. Градоначалничката на крајот на јули доставила допис до Водовод со барање за измена на евалуационите комисии. Јас дописот го добив кога се вратив од годишниот одмор, првата недела од август. Истиот ден кога го разгледав барањето, го препратив до ЕИБ, затоа што било која интервенција во комисиите мора да се биде позитивно оценета или одобрена од ЕИБ.

Периодот кога го добив барањето од градоначалничката беше меѓу двете фази на евалуација. Евалуационите комисии ценат два моменти: техничката евалуација која тогаш веќе беше завршена и мора да биде завршена и позитивно оценета од ЕИБ за да се прејде на финансова евалуација.

Предлозите од банката беа дека не е добро во овој момент да се меннуваат членови на комисиите кога техничката евалуација е без забелешки спроведена и не возможно нови лица да прават евалуација на финансова понуда, без притоа да ги знаат деталите од техничката. Јас тој допис од ЕИБ го пратив на градоначалничката на 10 август.

ФОКУС: Кое беше образложението на Арсовска, зошто бара промена на членови на комисиите?

Перински: Немаше образложение во дописот на градоначалничката. Тоа е секундарно. Дописот дополнително е и грешен. Во моментот Град Скопје има по два члена и два заменици во комисијата за евалуација за надзор и комисијата за евалуација за изградба и еден член во комисијата за жалби. Барањето од Арсовска предвидуваше измена на еден член во комисијата за градба и три заменици, а нема три заменици.

А во комисијата за надзвор чинам дека беше два заменици и два члена, но парадоксот да биде поголем, во тој момент комисијата за надзор веќе ја имаше завршено работата. Веќе беше избрана понуда и беше позитивно оценета од ЕИБ. И да ставиме нови членови, што тие ќе оценуваат?

Тука има уште едно клучно прашање: што правеше Данела Арсовска во перидот од 10 август кога и го пратив дописот и петокот кога почна да ми пишува СМС пораки дека ако не ги сменам членовите на комисиите ќе имам тужба. Јас тие пораки ги имам.

Зошто чекаше последен работен ден пред финансово отворање да се случи, да го прави овој театар?

ФОКУС: Што мислите Вие, кои би можеле да бидат нејзините мотиви за ваквата постапка?

Перински: Тоа ќе мора неа да ја прашате. Јас само знам дека она што го кажа на пресот што јас го свикав е ноторно непознавање на работите. Дали свесно или несвесно е кажано не знам, меѓутоа фактите што беа изнесени беа смешни. Елементарно непознавање на процедурите.

ФОКУС: Најави дека ќе ви поденесе кривична пријава

Перински: Најави дека ќе поднесе пријава притоа незнаејќи да каже за што. Не знам. Беше прашана дали пријавата ќе биде за злоупотреба, немаше одговор.

ФОКУС: Арсовска ве обвини дека сте имале намера да го местите тендерот. Вие велите ништо од тоа не е точно. На кого да му веруваат граѓаните?

Перински: Видете, граѓаните нормално е да не се упатени како движат вакви постапки. Она што загрижува е што градоначалникот на Град Скопје не знае. Со ваквите паушални изјави се доведе во прашање реализацијата на проектот.

Притоа, државата за овој проект има обезбедено две кредитни линии: едната од ЕИБ од 68 милиони евра, втората е од ЕБОР од 58 милиони евра. И има обезбедено 72 милиони евра грант, безпари пари. Тие се под ризик да ги изгубиме поради изнесување невистини во јавноста.

Јас нема да се трудам да објаснувам кој е крив. Мене главна потврда за она што досега е сработено ми се извештаите и оценките на ЕИБ дека нема ниту една забелешка за спроведување на постапката.

Нема човек кој е толку моќен да може да намести тендер кој е финансиран од европски пари. Бидејќи во тој случај постапката се води согласно нивни планови и процедури и е целосно контролиран од нив.

ФОКУС: Во моментите кога ВМРО-ДПМНЕ одлучуваше да ја поддржи Арсовска за кандидат за градоначалник, кое беше Вашето лично мислење?

Перински: Јас кога ја ценев програмата која ние ја поддржваме, сметав дека доколку некој човек се обврзал и даде ветување дека тоа ќе го реализира, сметав дека сериозно ќе пристапи.

Тоа беше мојот мотив да ја поддржам. Претпоставувам дека тоа бил мотивот и на мојата политичка структура.

Меѓутоа ништо од таа програма не е реализирано, барем досега. Советничката група рече дека сите проекти коишто се дел од програмата и во иднина ќе бидат поддржани, без разлика што не се согласуваат со неработењето на градоначалничката.

Така да, јас го делам истото мислење. Сите проекти кои се за добро на граѓаните треба да бидат поддржани. Сите оние хирови што Арсовска ќе ги става како предлози, треба да бидат одбиени.

ФОКУС: Мислите ќе може да функционира Градот во случај кога советничките групи и градоначалничката се во вака лоши односи?

Перински: Нефункционирањето на Градот не би го пресликал кај советничките групи. Јас би ја повикал директно Данела да одговори зошто Градот не функционира 11 месеци.

Не можете вие да се скарате со сите и секогаш вие да бидете во право. Вчера прочитав дека сите оние што нема постигнат успех ќе бидат разрешени. Зошто еднаш не се запраша кој е нејзиниот успех во овие 11 месеци?

Дали и таа треба да биде се уште градоначаник?

ФОКУС: Градоначаник не може да биде разрешен, освен ако сам не си поднесе оставка

Перински: Имено, на тоа мислам. Веќе ја повикав да си поднесе оставка. На вакви небулози и незвистини искажани за европски проект, не доликуваат да дојдат од адреса на градоначалник.

Доколку сето ова се докаже дека е невистиното, дали се спремна да понесе одговорност и да си поднесе оставка?

ФОКУС: Кои ќе бидат Вашите следни чекори?

Перински: Градоначалничката најави тужба. Чекам да видам каков ќе биде расплетот од нејзината најава. Јас сум сигурен и имам потврда од банките дека процесот до понеделникот е кристално чист.

Јас во животот, моето презиме и мојот образ нема да дозволам од никој да бидат погазени. А, не особено кога знам дека сум во прав. Јас ова ќе го избуткам до крај, додека дишам. Од ова не се повлекувам. Ако Арсовска мислеше дека ќе може да фрла по мене со дрва и камења, а јас да молчам, погрешна проценка има за мене.

ФОКУС: Доколку не ви се извини, што понатаму?

Перински: Ќе видиме. Јас секако сум на став дека треба да поднесам тужба за клевета. Но, морам прво да видам што ќе ми каже адвокатот.

ФОКУС: Како би ја оцениле генерално работата на Арсовска во изминатите 11 месеци?

Перински: Ние сме имале три состаноци со градоначалничката. Ние сме целосно отсечени.

Јас не паметам во овие 11 месеци да почнала реализација на некој капитален проект. Градочалник на Скопје треба да реализира капитално-инфраструктурни проекти, а не да парадира и да се слика. 4 години е многу краток период, а Арсовска веќе една година потроши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.