Екипи на ЈП „Градски паркинг“ отстраниле денеска 36 возила од катната гаража „Беко“ за кои паркинг места веќе објавија дека биле резервирани за непознати привилегирани корисници.

Од јавното претпријатие информираат дека во катната гаража „Беко“, на катот -1, подолг временски период биле паркирани службени возила кои не се користеле и непотребно зафаќале 12 означени паркинг места. Имало и 24 паркинг места кои до сега од непознати причини биле резервирани за непознати привилегирани корисници, а паркирање на тие места за граѓаните не било дозволено.

Со акцијата се ослободени вкупно 36 паркинг места и се ставени во функција на корисниците. Воедно, екипите на претпријатието спроведоа акција на чистење на катот -1 со што целосно е отстранет насобраниот смет, велат оттаму.

Катната гаража „Беко“ која е лоцирана на улицата „Даме Груев“ во строгиот центар на градот располага со вкупно 605 паркинг маста, организирани на 2 ката под земја и шест ката над земја. Од вкупниот број паркинг места, 16 се резервирани за лицата со попреченост, а три за родители со мали деца, сите соодветно обележани со хоризонтална сигнализација. Паркинг местата за родители со мали деца се наоѓаат на катот -1, а паркинг местата за лицата со попреченост се соодветно распределени по катови. На катот -1 е поставен електричен полнач за автомобили.

Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да внимаваат со своите возила да не ги узурпираат обележаните паркинг места кои се исклучиво наменети за лицата со попреченост и за родителите со мали деца, за да им се овозможи соодветна пристапност на овие лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.