Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид во градежните активности во Домот за култура „Билјана Беличанец“, во кој почна санацијата на штетите настанати поради неодржување на објектот, известуваат од општината. Од локалната самоуправа соопштуваат дека градежните работи ќе опфатат изолациски и молеро-бојадисувачки активности речиси целиот објект, кој беше темелно обновен во 2015-тата, но, како што велат, поради негрижа беше речиси сосема нефункционален.
Ѓорѓиевски најави дека по нивното завршување ова здание ќе ја добие улогата која му била планирана, да биде културен центар на локално ниво, кој со сериозно избрана програма од областа на културата и а ќе ја привлече публиката од цело Скопје, па и пошироко.
Проектот се реализира во финансиско партнерство со Бирото за регионален развој, преку кое Министерството за локална самоуправа ѝ додели на Општина Кисела Вода средства за санацијата.
Започнавме со реализација на најавениот проект за санација на Домот за култура „Билјана Беличанец“, кој на почеток од мојот мандат го затекнав во крајно лоша состојба. Иако се работи за објект кој беше темелно обновен во 2015-тата, и од руинирано старо кино прерасна во прекрасно здание, оваа убава визија никогаш не заживеа. Наспроти тоа, неколкугодишната негрижа од страна на моите претходници го довеле до степен да биде речиси сосема неупотреблив. Градежниот зафат кој го реализираме ќе трае неколку месеци, по што имаме сериозен план овој дом на културата и содржински да го добие вниманието што го заслужува. Планираме со квалитетна програма да ја привлечеме публиката и да го позиционираме ова место како иден центар на културните збиднувања во општина Кисела Вода, соседните општини па и во главниот град, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до Бирото за регионален развој, преку кое општината остварила финансиско партнерство со Министерството за локална самоуправа, со што била овозможена реализацијата на овој проект за санација, како прв чекор кон заживување на Домот на култура „Билјана Беличанец“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.