Никаде во светот, освен кај нас, нема примери каде децата и количките со бебиња одат по улица за да џиповите се паркираат слободно на тротоари, а угостителите со лента си го затвораат просторот, реагираат советниците од Шанса за Центар во претставката испратена до Општината
Итно отстранување на нелегалните тераси на угостителските објекти во Дебар Маало, веднаш да почне да се почитува и спроведува Програмата за урбана опрема и да се активира партиципативното тело за урбанизам и директно засегнатите граѓани во изработката на новата програма.
Ова се барањата на тројцата советници од Шанса за Центар кои ги поднесоа до општинските власти, барајќи конкретни одговори за мерките што се преземаат и службите кои постапуваат по овие прашања.
Во претставката тие наведуваат дека се обраќаат поради небезбедноста и ограниченоста во движењето на најранливите граѓани кои се движат без моторни возило низ Дебар Маало.
„Диво зафатениот јавен простор со поставување маси и столици, или заградени со ленти или објекти дивоградби, до ден денес опстануваат и се толерираат од страна на општината без јасна причина и образложение, наместо да бидат срушени во најкус можен рок. Никаде во светот, освен кај нас, нема примери каде децата и количките со бебиња одат по улица за да џиповите се паркираат слободно на тротоари, а угостителите со лента си го затвораат просторот. Угостителите директно ги прекршуваат одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, и тоа член 4, член 17 и член 63“,
пишуваат во претставката советниците од Шанса за Центар: Јана Белчева Андреевска, Дивна Пенчиќ и Јане Димески.
Тие наведуваат дека ова се прашања кои директно ги засега жителите во овој дел од Центар, како и дека квалитет на живот значително е влошен токму поради тоа.
„Општината е должна да работи на подобрување на квалитетот на живот, наместо да биде соучесник во уништување на животот во Дебар Маало. Во последно време и безбедноста во овој дел од општина Центар станува се поголем проблем заради однесувањето на гостите кои ги посетуваат локалите – насилничко возење со коли и мотори по улиците, чести тепачки, галами и караници од пијани гости во средноќ и слични вознемирувачки појави кои се веќе секојдневие“,
велат од Шанса за Центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.