Нема салмонела во храната која ја јаделе учениците во основните училишта во скопската општина Карпош, изворот на заразата дополнително ќе се утврдува, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

АХВ ги добила резултатите од земените мостри од храна и суровини за подготовка на храна, од сите училишни кујни во Општина Карпош каде се подготвува храна, каде беа пријавени случаи на сомнежи на труење и беше спроведен вонреден инспекциски надзор.

Лабораториски резултати од испитаната храна која е земена од централниот магацин на операторот со храна “Ванила Фуд” кој се наоѓа во ОУ “Димо Хаџи Димов” се со уреден наод, исто како и мострите од четирите кујни во основните училишта каде се приготвува храна. Тие се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, односно, кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела.

Во две од училишните кујни со кои стопанисува овој оператор со храна земени се мостри само од работните површини за кои резултатите се уште не се добиени, бидејќи при надзорот, не е затекната подготвена храна. Најдени се само производи и суровини за подготовка на храна доставени од централниот магацин, од каде претходно веќе биле земени мостри, за кои лабораториските наоди потврдија отсуство на Салмонела, односно, истите се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, се вели во соопштението на АХВ.

Претходно, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат информираше дека се негативни резултатите по појавата на салмонела кај ученици од дел во основните училишта во Карпош.

Во текот на денешниот ден, Државниот здравствен и санитарен инспекторат согласно на своите надлежности, ќе ги отвори кујните во училиштата.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Рената Младеновска денеска информиораше дека во текот на вчерашниот ден биле добиени резултатите од Институтот за јавно здравје Скопје и од Центарот за јавно здравје Скопје, бидејќи мострите храна и брисевите од работни површини биле земени двојно и однесени во лабораториите на двете здравствени установи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.