Иницијатива за измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум за отповикување на градоначалници, најавува Либерално-демократската партија под водство на претседателката Моника Зајкова и ново основаната градска организација при ЛДП во Скопје, предводена од Филип Јакимовски.

„Она што се случува во главниот град Скопје е јасен знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците. Граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти“, велат од ЛДП.

Од партијата посочуваат дека оваа Иницијатива е со цел да се одговори на потребите на граѓаните и да се подобри животот во главниот град.

„Со длабоко разочарување и загриженост ја гледам сегашната состојба во нашиот главен град. Паметам поубаво Скопје, град на светлина, култура и зеленило, а не град кој сега е завиен во темнина и се гуши во смет. Се чини дека сегашните локални власти се оддалечиле од основните потреби и желби на своите граѓани. Некогаш, Законот за локална самоуправа од 1996 година оставал законска можност за граѓаните активно да учествуваат во одлуките кои ги засегаат нивните животи, вклучително и механизмот за отповикување на градоначалниците. За жал оваа круцијална одредба во Законот за локалната самоуправа од 2002 година беше избришана и од тогаш па до денес граѓаните се лишени од законска можност да покренат постапка за отповикување на градоначалници“, вели претседателката Зајкова.

Таа додаде дека се наоѓаме во ситуација во која градоначалниците буквално можат да ги поминуваат своите мандати без реална одговорност и отчетност за нивното (не)сработеното, а од тоа страдаат општините и граѓаните.

„На европско тло досега се спроведени неколку постапки за отповикување на градоначалници, како примерот со Хана Гронкјевич Валц градоначалничка на Варшава, потоа се одржал локален референдум за отповикување на градоначалникот на Кишинев, а во 2015 година по предлог на тогашниот британски премиер Дејвид Камерон во парламентот се усвоил механизмот за отповикување во Обединетото Кралство. Воедно, Петер Фелдман, контроверзниот градоначалник на германскиот финансиски центар – Франкфурт, преку граѓански референдум бил сменет од функцијата“, појаснува таа.

Претседателот на Градската организација на ЛДП во Скопје, Филип Јакимовски, потенцираше за потребата од итна промена на градончалничката, кој повика Скопје да се врати на скопјани.

„Формирањето на нашата градска организација е од клучно значење за нашата мисија. Се обврзуваме на активно учество во процесот на мапирање на проблемите во Скопје и на наоѓање на решенија. Нашата цел е да создадеме посилна, поспособна и проактивна локална самоуправа која ќе ги негува вредностите во градот“, додаде тој.

ЛДП повикува сите заинтересирани граѓани да се приклучат кон оваа иницијатива, „заедно да работиме на создавање на отворен и одговорен систем на локално самоуправување во Скопје и во целата земја“.

За Арсовска, ова е крајно несериозна иницијатива.

„Несериозно е да коментирам изјави на сателит партии, особено на партија од чии редови произлегуваат кадри кои никој не ги препознава во политиката, па на овој начин се обидуваат да се профилираат. Иницијативата е крајно несериозна и укажува на основни непознавања од страна на пратеник, кој би требало да знае дека, законите немаат ретроактивна примена, а кога веќе измислуваат иницијативи, нека ги покренат и за пајтон пратениците кои менуваат дрес согласно моменталните прилики од лукративна природа“, реагира Арсовска за Телма.

Иницијативата следи откако новогодишното украсување на градот, особено елката, стана цел на потсмев и во регионот. Арсовска кажа дека украсувањето чини 30.000 евра, што е десетпати поевтино од претходните години, но не и дали имало ангажирано фирма и зошто не  е распишан тендер, бидејќи законот предвидува дека е обврзана да го стори тоа за набавка над 1.000 евра.

За ова се огласија и од обвинителството, со став дека,  доколку Управата за финансиска полиција, која  е надлежна да ги испита наводите за тоа каде завршиле парите од градската каса не го стори тоа, тие ќе оформат предмет и ќе ги извршат проверките.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.