Многу симптоматично зошто Арсовска инсистира да не ја промени трасата, а приватната фирма да ја изгради трасата која вети дека ќе ја ревидира пред изборите. Гледам и Арсовска се чуди како сум можел да бидам против нејзе, нека не се чуди воопшто, јас секогаш ќе бидам на страната на народот и моите сограѓани, вака реагираше градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски на денешната прес-конференција на градоначалничката на Град Скопје.

Тој ѝ порача на Арсовска дека ниту еднаш не ѝ „посочил дека оваа улица која сега тебе ти е приоритет број 1 од твои лични причини е најголем проблем во нашата општина“.

Постојат многу поголеми проблеми кои треба да се решат. Заборави ли на ветувањата кон граѓаните од Бел Камен и Кучевишка Бара за кои ти лично даде ветувања дека за 82 дена ќе ги решиш нивните проблеми ?! Изгледа ќе да е до карактерот, приватниот интерес и отсуството на способност да се менаџира градот, вели меѓу другото Костовски во објавата.

Арсовска денеска на прес-конференција истакна дека не остапува од изградбата на булеварот „Боца Иванова“.

Според неа, „на дел од трасата десетина семејства ги прошириле сопствените дворови на тоа државно земјиште и со тоа го узурпирале“.

Во оваа држава постои закони. Да не потпаѓаат на политичките игри на политиканти. Овие граѓани мораат да бидат информирани дека одговорноста за узурпација на државно земјиште е нивна. За обвинувањата на градоначалникот Костовски, тој не смее да напаѓа за нешто каде што одговорноста е исклучително негова. Од ова сега не се одзема од никого, тоа е државно земјиште. Не треба да се манипулира со граѓаните, рече Арсовска.

Незадоволните жители од улицата „Хо Ши Мин“ во Бутел пред два дена излегоа на протест за да им укажат на општинските и градските власти дека нема да дозволат изградба на дел од улицата „Боца Иванова“ со која ќе им биде одземен дел од земјиштето што го користат од 1964 година. Протестот на бутелчани денеска беше причина и за вербални меѓуградоначалнички пресметки меѓу Дарко Костовски и Данела Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.